Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
 
 
Одлуки на Апелациониот Суд Битола

25.01.2012   3126-11
 ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
 АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО БИТОЛА, во совет составен од судиите: Љубомир Бошевски - претседател, Павлина Лескова и Васил Баткоски- членови во правната работа на тужителот ЕВН Македонија АД за дистрибуција и снабдување со електрична енергија, С..., против тужениот Димитар Бутлевски од Б....., за исплата на долг, вредност 1.138,00 денари, решавајќи по жалбата на тужениот изјавена против пресудата на Основниот суд во Битола МАЛВП - 324/2011 од 04.10.2011 година, на седницата одржана на 25.01.2012 година, донесе:
     
   П Р Е С У Д А

 Жалбата на тужениот, СЕ  ОДБИВА како неоснована.
 Пресудата на Основниот суд во Битола МАЛВП - 324/2011 од 04.10.2011 година,  СЕ  ПОТВРДУВА.
 СЕ ЗАДОЛЖУВА тужениот на тужителот на име второстепени парнични трошоци да му исплати износ од 480,00 денари, во рок од 8 дена по приемот на пресудата.

       О б р а з л о ж е н и е

 Со побиваната пресуда на Основниот суд во Битола усвоено е тужбеното барање на тужителот и задолжен е тужениот да му исплати на тужителот законска затезна камата на износ од 1.138,00 денари, сметано од 15.05.2004 година до 20.05.2005 година, како и да му ги надомести процесните трошоци на тужителот во износ од 1.080,00 денари, во рок од 8 дена по приемот на пресудата.
 Незадоволен од вака донесената пресуда, тужениот, преку својот полномошник, адвокат Никола Темелковски од Битола, поднесе благовремена жалба со која ја напаѓа пресудата поради суштествени повреди на одредбите на парничната постапка и погрешна примена на материјалното право,со предлог жалбата да се уважи, пресудата да се преиначи и тужбеното барање на тужителот да се одбие како неосновано.
 Одговор на жалба поднесе тужителот, тврдејќи дека жалбата е неоснована, при што предлага истата да се одбие како неоснована и првостепената пресуда да се потврди.
 Апелациониот суд во Битола, како второстепен суд, разгледувајќи ја побиваната пресуда, жалбата, одговорот на жалба и другите списи во предметот и по оценка на жалбените наводи согласно чл.354 од ЗПП, најде:
 Жалбата   е  неоснована.
 Видно од списите на предметот, врз основа на предложените и изведени докази, а врз основа на член 8 од ЗПП, првостепениот суд утврдил дека тужениот за месец април 2004 година имал направено сметка за електрична енергија во износ од 1.502,00 денари. Притоа, најпрво до тужениот била доставена една сметка на износ од 364,00 денари во која биле внесени само комунална такса за улично осветлување, радиодифузна такса и камата од претходно задоцнети платени сметки од тужениот. Оваа сметка тужениот ја платил на 02.06.2004 година. По констатацијата дека во оваа сметка не се внесени потрошените киловат часови електрична енергија бидејќи броилото не било прочитано, тужителот го прочитал броилото на тужениот бр.6175588/32, па уште истиот месец му доставил сметка на тужениот  во износ од 1.138,00 денари во која биле внесени и потрошените киловат часови електрична енергија. Тужениот оваа дополнителна сметка во износ од 1.138,00 денари ја платил на 20.05.2005 година, иако истата бил должен да ја плати на 15.05.2004 година. Иако доказ дека тужениот не ја платил дополнителната сметка за струја до датумот на нејзината втасаност е копија од сметка на која стои датум 20.05.2005 година, првостепениот суд утврдил дека тоа не значи дека тужениот тогаш ја добил за првпат сметката и дека од тогаш тече рокот за доброволно плаќање на истата, туку дека тоа се должи на начинот на кој е подесен комјутерската програма за издавање сметки кај тужителот. Имено, компјутерската програма на тужителот била таква што само во оргиналната сметка се внесувал датумот на втасаност на сметката, додека во копиите од сметките се внесувал датумот на издавање на копијата. Доказ дека тужениот не ја платил сметката за електрична енергија за месец април 2004 навреме, туку дури на 20.05.2005 година е приложената аналитичка картица од 26.05.2011 година со која е задолжен тужениот.
 Имајќи го предвид вака утврденото, овој суд најде дека првостепениот суд правилно го усвоил тужбеното барање на тужителот и го задолжил тужениот на тужителот да му исплати законска затезна камата за периодот во кој паднал во задоцнување со плаќање на сметката од 1.138,00 денари за потрошена електрична енергија за месец април 2004 година.
 Неосновани се жалбените наводи дека со побиваната пресуда, првостепениот суд сторил суштествена повреда на одредбите на парничната постапката од член 343 ст.2. т. 13 од ЗПП.
 Имено овој суд најде дека пресудата нема недостатоци поради кои истата не би можела да се испита, изреката на пресудата е јасна и разбирлива, во образложението на истата се содржани причините за сите решителни факти за одлучувањето и истите се јасни и непротивречни.
 Неосновани се и жалбените наводи дека првостепениот суд се впуштил да одлучува надвор од тужбеното барање, со што сторил повреда на член 343 ст 1 од ЗПП, а во врска со член 2 од ЗПП. Имено, видно од списите на предметот со тужбата се бара тужениот да се задолжи на тужителот да му го плати заостанатиот долг од 1.138,00 денари за електрична енергија за месец април 2004 година со законска затезна камата сметана од денот на втасаноста на долгот до денот на конечна исплата на истиот. Откако тужениот доставил доказ дека го платил главниот долг од 1.138,00 денари на 20.05.2005 година, тужителот го прецизирал тужбеното барање, односно го повлекол тужбеното барање во однос на главниот долг, а останал само на барањето за законска затезна камата за периодот од 15.05.2004 година (како ден на втасаност на главниот долг) до 20.05.2005 година (како ден на исплата на главниот долг). Оттука, првостепениот суд  во изреката на пресудата правилно се произнесува и одлучува само по однос на така прецизираното тужбено барање, па истото го усвојува.
 Неосновани се и жалбените наводи дека првостепениот суд погрешно го применил материјалното право, бидејќи го задложил тужениот да плати законска затезна камата која била застарена.
 Овој суд утврди дека првостепениот суд правилно го применил материјалното право кога го усвоил тужбеното барање на тужителот со кое тужениот се задолжува да плати законска затезна камата по ЗВСЗК на износот од 1.138,00 денари за периодот од 15.05.2004 година до 20.05.2005 година, при што не го усвоил приговорот на тужениот за застареност. Ова од причини што долгот се однесува за неплатена сметка за месец април 2004 година, а предметната тужба е поднесена на 20.04.2005 година, со што не е изминат едногодишниот рок за застареност од член 367 од ЗОО. Имено, согласно член 350 ст.1 од ЗОО, застареноста започнува да тече првиот ден по денот кога доверителот имал право да бара исполнување на обврската. Во конкретниот случај, тоа значи дека едногодишниот рок за застареност почнува да тече од 16.05.2004 година, такашто во моментот на поднесување на тужбата (20.04.2005 година) во никој случај немало настапено застареност на побарувањето на тужителот спрема тужениот.
 Овој суд не ги ценеше оние жалбени наводи на тужениот кои се однесуваат на погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба од страна на првостепениот суд, од причини што во конкретниот случај, согласно член 430 ст.1 од ЗПП, се работи за спор од мала вредност, бидејќи тужбеното барање се однесува на парично побарување во износ помал од 60.000 денари. Согласно член  438 ст.1 од ЗПП, пресудата или решението со кое се завршува спор од мала вредност може да се побива само поради суштествени повреди на одредбите на парничната постапка од член 343 ст.2 од ЗПП и поради погрешна примена на материјалното право, а не поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба.
 Дополнително, а согласно член 160 ЗПП и со оглед на фактот што тужениот не успеа со жалбата, овој суд определи тужениот на тужителот на име второстепени парнични трошоци да му исплати износ од 480,00 денари на име судска такса за одговор на жалба.
 Имајќи предвид се горенаведено, следуваше согласно чл.357 од ЗПП, да се одлучи како во изреката на оваа пресуда.
 

ОН/                                                                             Претседател на совет-судија,
                                                                                         Љубомир Бошевски с.р
 

Назад