Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
Одлуки на Апелациониот Суд Битола

02.12.2009   РОЖ-634/09

 ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО БИТОЛА, во совет составен од судиите
Љубен Нешкоски - претседател, Петкана Јадровска и Андроники Настевска - членови, во правната работа на тужителот В.Л.  од Б., против тужениот Т. ДОО С, за парично  побарување од работен однос, постапувајќи по жалбата од тужениот против пресудата на Основниот суд Битола РО.бр.28/09 од 28.04.2009 година, на седницата на советот одржана на ден 02.12.2009 година, донесе

     П Р Е С У Д А

  Жалбата на тужениот ,СЕ ОДБИВА како неоснована.
  Пресудата на Основниот суд Битола РО.бр.28/09 од 28.04.2009 година, во делот на уваженото тужбено барање за разлика на плата и надомест за хранарина, СЕ ПОТВРДУВА.

     Р Е Ш Е Н И Е
  Жалбата на тужениот, СЕ УВАЖУВА.
  Пресудата на Основниот суд Битола РО.бр.28/09 од 28.04.2009 година, во делот на уваженото тужбено барање за неисплатен дел од плата, надоместок на име трошоци за превоз и решението за трошоци содржано во пресудата, СЕ УКИНУВА и предметот се враќа на првостепениот суд на повторно судење.

       О б р а з л о ж е н и е
 Со обжалената пресуда усвоено е тужбеното барање на тужителот. Задолжен е тужениот на тужителот да му исплати неисплатен дел од плата - стимулативен дел од јануари 2006 година заклучно со февруари 2007 година, разлика на плата од март 2007 заклучно со февруари 2008 година, надоместок на име хранарина од март 2007 до февруари 2008 година и надоместок на име трошоци за превоз од март 2007 заклучно со јануари 2008 година во износи и законска затезна камата подетално опишани во изреката на пресудата. Задолжен е тужениот на тужителот да му плати парнични трошоци во износ од 34.811,00 денари во рок од 8 дена по приемот на пресудата. Барањето за трошоци на тужителот над досудениот износ до износот од 50.024,00 денари одбиено е како неосновано.
 Против наведената пресуда жалба поднесе тужениот по сите жалбени причини од член 342 од ЗПП. Предлага жалбата да се уважи, пресудата да се укине и предметот да се врати на првостепениот суд на повторно судење или жалбата да се уважи, пресудата да се преиначи на начин што ќе се одбие тужбеното барање на тужителот како неосновано.
 Одговор на жалба поднесе тужителот и предлага жалбата на тужениот да се одбие како неоснована и да се потврди пресудата на првостепениот суд.
Овој суд постапувајќи по жалбата на тужениот во делот на уваженото тужбено барање за разлика на плата и надоместок за исхрана, изврши увид во списите на предметот, па ценејќи ги жалбените наводи во границите на овластувањата во чл.354 од ЗПП, најде:
Жалбата е неоснована.
Неосновани се жалбените наводи на тужениот дека, првостепениот суд сторил суштествени повреди на одредбите од ЗПП од чл.343 ст.2 т.13. Ова од причини што, пресудата е јасна, разбирлива, истата може да се испита, а првостепениот суд дал причини за решителните факти.
Тужениот во жалбата наведува дека, првостепениот суд сторил суштествени повреди на одредбите од ЗПП од чл.340 ст.1 в.в. со чл.180 ст.7, в.в. со ст.1 и 2 од истиот закон, бидејќи тужбата на тужителот била со неопределена вредност, а дури со писмен поднесок од 27.04.2009 година полномошникот ја определил висината на тужбеното барање. Бидејќи судот го усвоил тужбеното барање во повисок износ од предјавениот во тужбата, станува збор за преиначување, па согласно чл.180 ст.7 од ЗПП, судот морал да го одложи рочиштето и да им достави примерок од поднесокот.
Во врска со ваквите жалбени наводи, овој суд укажува на следното. Согласно чл.180 ст.7 од ЗПП, ако тужбата е преиначена на рочиште на кое тужениот не е присутен, судот ќе го одложи рочиштето и ќе достави до тужениот препис на записникот од тоа рочиште. Во случајот со писмен поднесок тужителот го прецизирал тужбеното барање и закажана е расправаза 28.04.2009 година на која расправа тужениот бил уредно канет и на истата не се јавил, а отсуството не го оправдал. Овој суд, смета дека, првостепениот суд немал причина да го одложи рочиштето од 28.04.2009 година, бидејќи во конкретниот случај не станува збор за преиначување на тужбеното барање, туку за прецизирање на тужбеното барање не по основ туку по висина.
Првостепениот суд во текот на постапката од изведените докази утврдил дека, тужителот имал засновано работен однос кај тужениот на работно место одговорен инжинер за котлара на неопределно работно време. Работниот однос му престанал на 22.02.2008 год. од деловни причини. Со вештачење утврдил дека, тужениот на тужителот му го задржувал стимулативниот дел од платите. Согласно склучениот договор за работа, основната плата на тужителот била вреднувана со коефициент 3, а вредноста на единица коефициент била утврдена на 4.000,00 денари, а основната плата што тужениот требало да му ја исплаќа на тужителот изнесувала 12.000,00 денари. Вака пресметаната плата, тужениот ја зголемувал со процент за минат труд, а му пресметувал и надоместок за исхрана и превоз. Ваквиот начин на пресметување и исплаќање бил заклучно со 2005 година, а од 01.01.2006 година му пресметувал помала плата. Ова од причини што, на седница на Надзорен одбор на тужениот одржана на 13.05.2005 година било констатирано дека тужениот работел со поголеми трошоци од побарувањата што ги имал спрема клиентите - корисници на услугите, кои тешко се наплаќале. Врз основа на вака утврдената фактичка состојба го усвоил тужбеното барање за разлика на плата.
Тужениот во жалбата наведува дека, на тужителот не му следува разлика на плата, бидејќи настанале потешкотии во работењето и работел со негативни финансиски резултати, заради што донесена е одлука од Надзорниот одбор со која се определени платите на вработените.
Ваквите жалбени наводи, овој суд не ги прифати од следните причини.
Во чл.12 од Законот за работните односи, е предвидено дека, правата од работен однос утврдени со Устав, закон и колективен договор, не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавецот, туку заради настанати потешкотии во работењето, а согласно чл.18 од Општиот колективен договор за стопанство, работодавачот можел врз основа на изготвена програма со која се обезбедува надминување на настанатите проблеми врз основа на согласност со Синдикатот, да утврди отстапување од најниската плата, со тоа што намалувањето на најниската плата не може да изнесува повеќе од 20% и не може да трае подолго од 6 месеци. Како во случајот не е донесена програма во согласност со Синдикатот, правилно првостепениот суд досудил разлика на плата.
Тужениот во жалбата наведува дека, на тужителот не му следува и надоместок за исхрана, бидејќи исплатата на овој надоместок е условена од финансиските резултати, а во случајот неспорно тужениот во спорниот период покажал негативни финансиски резултати.
Ваквите жалбени наводи овој суд не ги прифати, од следните причини.
Во чл.113 од Законот за работните односи, е предвидено дека работникот има право на надомест за трошоци поврзани со работата, меѓу кои и исхрана за време на работа, доколку се исплатува во паричен износ. Од цитираната одредба произлегува дека, работодавачот има обврска на работникот да му исплати надоместок за исхрана независно од остварените резултати во работењето од причини што, ваквото право на работникот во спорниот период е утврдено со закон. Доколку во Законот за работни односи, ваквото право на работникот не беше предвидено, туку беше предвидено со Колективен договор, во таков случај исплатата на овој надоместок ќе зависеше од остварените резултати кај работодавачот.
Заради наведените причини, овој суд, а согласно чл.357 од ЗПП, одлучи како во изреката на пресудата.
Овој суд постапувајќи по жалбата на тужениот во делот за неисплатена плата - стимулативен дел и надоместок на име трошоци за превоз изврши увид во списите на предметот, па ценејќи ги жалбените наводи во границите на овластувањата од чл.354 од ЗПП, најде:
Жалбата е основана.
Првостепениот суд на тужителот му досудил неисплатен дел од плата - стимулативен дел, меѓутоа не дал образложени причини за ваквата одлука. Токму заради наведеното, пресудата во овој дел е нејасна, неразбирлива, истата не може да се испита, а првостепениот суд не дал причини за решителните факти. Постапувајќи на овој начин, првостепениот суд сторил суштествени повреди на одредбите од ЗПП од чл.343 ст.2 т.13.
Основани се и жалбените наводи на тужениот дека, првостепениот суд досудил трошоци за превоз иако тужителот не доставил докази колку е оддалеченоста од местото на живеење на тужителот до местото на извршување на работните задачи.
При повторното одлучување, првостепениот суд правилно да ја

утврди фактичката состојба и со правилна примена на материјалното право да одлучи по тужбеното барање на тужителот. Согласно чл.105 од Законот за работните односи, платата е составена од основа плата, дел од платата за работна успешност и додатоците ако со друг закон поинаку не е определено. Во став 2 од член 106 од истиот закон како и чл.21 од Општиот колективен договор за стопанство е предвидено дека, критериуми и мерила за утврдување на работната успешност се домаќинскиот однос, обем, квалитет, креативност, инвентивност, економичност, заштеди во работењето и тн. Работната успешност се мери односно проценува на поединци или групи на работници спореед однапред утврдени критериуми и мерила со кои работникот се запознава пред да почни да работи, а резултатите од работењето на работникот ги утврдува односно оценува работникот кој го води и организира процесот на работа. Во случајот основано се поставува прашањето, дали на тужителот му следува стимулативен дел од плата. Ова од причини што, резултатите и работењето на работникот се оценуваат според нормативи на работодавецот, а не според тоа, дали работникот е виновен или не за остварените резултати.
Согласно чл.34 од Општиот колективен договор за стопанство, работникот има право на надомест на трошоците поврзани со работата, меѓу кои и надомест на трошоци за превоз до и од работа над 2 километри во случаи кога нема организирано превоз, во висина на стварните трошоци во јавниот сообраќај. Со вештачење да утврди колкава е оддалеченоста од местото на живеење на тужителот до местото на работа по најблискиот пат по кој се оди со превозно средство, бидејќи од овој услов зависи и исплатата на ваквиот надоместок.
При повторното одлучување, а во смисла на чл.148 и 149 од ЗПП, првостепениот суд да одлучи и за трошоците направени во текот на постапката.
Имајќи ги во предвид погоре наведените причини, овој суд, а согласно чл.358 и 359 од ЗПП, одлучи како во изреката на решението.

                                                                                 Претседател на советот - судија,
                                                                                             Љубен Нешкоски с.р.
МД/ЛЗ
 
 

Назад