ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО БИТОЛА, во совет составен од судиите:Петре Србиновски - претседател на советот, Љубе Стојановски и Татјана Сусулеска - членови на советот, во правната работа на тужителот ДПТТ „З. И. Т.“ ДООЕЛ Б. против тужениот АД За о.Е.“ од С. за надомест на шета, решавајќи по жалбата на тужениот, против пресудата на Основниот суд Битола ТС.бр.297/08 од 16.06.2009 година, на седницата одржана на 26.04.2010 година, донесе
П Р Е С У Д А
Жалбата на тужениот, СЕ ОДБИВА како неоснована.
Пресудата на Основниот суд Битола ТС.бр.297/08 од 16.06.2009 година, во делот за досудената материјална штета во износ од 126.000,00 денари со законска затезна камата од 28.05.2008 година до исплатата, СЕ ПОТВРДУВА.
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата на тужениот, СЕ УВАЖУВА.
Пресудата на Основниот суд Битола ТС.бр.297/08 од 16.06.2009 година, во делот на досудениот износ за испуштена добивка од 62.520,00 денари со законска затезна камата од 28.05.2008 година, како и одлуката за трошоците, СЕ УКИНУВА и предметот се враќа на првостепениот суд на повторно судење и одлучување.
О б р а з л о ж е н и е
Со обжалената пресуда на Основниот суд Битола уважено е тужбеното барање на тужителот и е задолжен тужениот да му плати на име надомест на штета за оштетената приколка износ од 126.000,00 денари и за испуштена добивка износ од 62.520,00 денари или вкупен износ од 188.520,00 денари со ЗЗК сметано од 28.05.2008 година до исплатата, како и да му ги надомести парничните трошоци во износ од 83.060,00 денари.
Незадоволен од ваквата пресуда, тужениот, во благовремен рок поднесе жалба, со која ја напаѓа пресудата по сите причини предвидени во чл.342 од ЗПП и одлуката за трошоците, со предлог жалбата да се уважи, пресудата укини и предметот врати на првостепениот суд на повторно одлучување, или пресудата се преиначи на начин што ќе се одбие тужбеното барање.
Во одговор на жалба тужителот предлага жалбата да се одбие како неоснована, а пресудата потврди.
Овој суд, решавајќи по жалбата ги разгледа списите во предметот, па по оцена на истите, испитувајќи ја пресудата во границите на овластувањата од чл.354 од ЗПП, најде:
Жалбата на тужениот изјавена против пресудата во делот задосудената материјална штета, е неоснована.Во тој дел, пресудата е јасна,со дадени доволно причини за решителните факти, фактичката состојба е правилно утврдена и не постојат суштествени повреди на постапката кои би ја довеле под сомнение утврдената фактичка состојба.
Имено,од изведените докази првостепениот суд утврдил дека тужителот бил сопственик на приколка и марка КОЕГЕЛ СКМ 18/п произведена 1995 год. На ден 13.12.2007 година, на сепарација каде требало да се врши утовар,друго возило , неможејќи да ја искачи нагорнината, се вратило назад и удрило со неговиот заден дел во приколката на возилото од тужителот при што ја оштетило.
Тужителот настанот го пријавил кај тужениот и поднел барање за надомест на штета, при што тужениот оформил предмет. Овластено лице на тужениот излегло на лице место во присуство на тужителот, при што бил направен увид на штетата и бил составен европски извештај за надомест на штетата од страна на тужениот, како и делумен записник за проценка на штетата со што било оставено место за тоа колку ќе чини поправката за да биде доставена фактура. Иако тужителот се обидел самиот да го поправи возилото, истото не можел да го направи бидејќи не можел да најде таква фирма која ќе можела да го поправи возилото во целост, поради што го известил тужениот и од него побарал тој да го поправи возилото, но за истото бил одбиен. Тужителот се обратил и до второстепениот орган кај тужениот да му се надомести штетата, меѓутоа тужениот одбивал и понатаму да ја надомести штетата, барајќи од тужителот да достави полициски записник, како и дека штетата ќе се решава во границите на вредноста што ја покривал европскиот извештај до 750 евра, а кој надомест тужителот не го прифатил. Исто така, за периодот од 13.12.2007 година до 21.03.2008 година поради изгубени автоденови, бидејќи возилото не работело, тужителот претрпел штета на име испуштена добивка. Висината на штетата која што тужителот ја претрпил за оштетената приколка, како и за испуштената добивка, судот ја утврдил врз основа на изготвените вештачења од страна на вешти лица.
Од вака утврдената фактичка состојба, првостепениот суд во целост му го уважил тужбеното барање на тужителот, повикувајќи се притоа на одредбите од чл.14 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот,како и чл. 141 и 178 од ЗОО.
Неосновани се жалбените наводи на тужениот во досудениот износ на материјална штета во износ од 126.000,00 денари, дека од страна на првостепениот суд се сторени суштествени повреди на одредбите на парничната постапка и погрешно применето материјалното право.
Видно од наодот на вештото лице, како и дополнителниот наод, неспорно беше утврдена висината на штетата придизвикана кај приколката. Од друга страна, обврската на тужениот да му ја надомести штетата на тужителот по основ на осигурување од автомобилска одговорност во висина утврдена од страна на вештото лице машински инженер, произлегува од одредбите од чл.14 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, според кој сопственикот односно корисникот на моторно и приклучно возило е должен да склучи договор за осигурување на одговорност за штети што со употреба на моторното возило ќе им ја причини на трети лица покрај другото и оштетување на предмети освен од одговорност за штети за предметите што ги примил на превоз.
Иако овластено лице проценител од страна на тужениот пред поднесувањето на тужбата, а после настанувањето на штетата направило увид на приколката и ја констатирало штетата, истото не ја утврдило штетата. Иако од друга страна тужителот подолг период настојувал со тужениот да се договорат околу висината на штетата, со оглед дека основот на штетата не бил спорен,тужениот не му ја надоместил штетата на тужителот,заради што е покренат спорот пред редовен суд.
Неосновано тужениот во жалбата наведува дека во конкретниот случај не можеле да се применат одредбите од чл.141 од ЗОО, со кој бил задолжен тужениот да му ја надомести штетата на тужителот по основ на автоодговорност, од причини што самиот тужен бил свесен дека по основ на автоодговорност осигурителната компанија е должна на оштетениот - тужителот да му ја надомести штетата, освен во исклучителни ситуации кои ги предвидел Законот за осигурување, а кои не постојат во конкретниот случај.
Во ситуација кога проценител на тужениот излезе на лице место и состави европски записник за штета, каде што самиот тужен назначил дека тужителот е оштетен, тужениот е тој кој што треба да утврди колку изнесува висината на штетата преку негови лица проценители, а во случајов, бидејќи се води судски спор, тоа го стори овластено вешто лице од судот, така да неосновано тужениот во жалбата наведува дека висината на штетата требало да ја докажува тужителот.Истата се докажа во првостепената постапка.
Овој суд ги имаше во предвид и жалбените наводи на тужениот дека во случајот бил составен европски извештај за штета и согласно таквиот извештај тужениот имал обврска да плати штета во висина од 750 евра, а не колку што му досудил првостепениот суд. Но ваквиот жалбен навод овој суд не го прифати од причини што европскиот извештај за штета го составил самиот тужен и нема право во оваа постапка да приговара дека износот на штетата бил голем со оглед на тоа дека лицето кое што го составувало записникот знаел дека висината на штетата е поголема од таа што била утврдена со европскиот извештај за штета. Исто така со составувањето на европскиот записник од страна на тужениот, а во присуство на двете страни, неспорно е дека вината за штетата е на страната на тужениот што е констатирано и во самиот извештај, како и дека тужителот не е виновен за настанувањето на штетата, па од тие причини со оглед декат тужениот е тој кој го состави европскиот извештај за штета, а во присуство на тужителот, нема потреба од полициски записник, дотолку повеќе што за тоа тужениот не настојувал.
При ваква состојба, кога од сите изведени докази, со оглед да основот на штетата не е спорен, неспорно е утврдено дека тужениот е тој што му ја причинил штетата на тужителот, па истиот е должен да му ја надомести, а која негова обврска произлегува од одредбите од чл.141 ст.1 од ЗОО.
Поради наведеното, согласно чл.357 од ЗПП, се одлучи како во изреката.
Што се однесува до жалбата на тужениот во уважениот дел на пресудата за испуштена добивка и одлуката за трошоците, овој суд најде:
Жалбата е основана.
Врз основа на наодот на вештото лице, првостепениот суд утврдил дека за периодот од 13.12.2007 година кога настанала штетата, па се до 21.03.2008 година, тужителот претрпел штета во испуштена добивка на име изгубени автоденови, бидејќи возилото во тој период не било во експлоатација поради штетата, па од тие причини првостепениот суд му го уважил тужбеното барање на тужителот и по основ на испуштена добивка во износ од 62.520,00 денари, а согласно чл.178 ст.1 од ЗОО.
Основано тужениот со жалбата ја побива пресудата во овој дел поради суштествени повреди на одредбите на парничната постапка и погрешна примена на матерјалното право.
Имено, ако се има во предвид дополнителниот наод на вештото лице, од истиот произлегува дека како потребни работни часови за поправка на оштетената приколка биле утврдени 90 работни часа или тоа се 12 работни дена, па од ова произлегува дека, утврдениот период на некористење на оштетената приколка од 3 месеци не се поклопува со работните часа утврдени од вештото лице, односно постои голема разлика помеѓу истите. Вештото лице неправилно се впушта во изгубената добивка на тужителот, врз основа на недоволно показатели за утврдување на оваа штета како и за нејзината висина, односно без образложение врз основа на што утврдил дека тужителот не можел да ја користи оштетената полуприколка 69 работни дена, а од друга страна наведува дека за поправката на полуприколката биле доволни 12 работни денови.
Судот не утврдил со сигурност колку реално и фактички тужителот трпел штета на име изгубена добивка поради некористењето на полуприколката во спорниот период. Во поткрепа на ова е и писмениот наод од вештото лице кое што наведува дека за спорниот период тужителот имал реализација со предметното возило од што произлегува дека истото го користел, но без полуприколката, а ваквиот факт судот при одлучувањето не го имал во предвид. Со тоа што тужителот го користел возилото, истиот не трпи штета во вид на изгубена добивка колку што му досудил првостепениот суд, односно судот не го имал во предвид наодот на вештото лице дека предметното возило било користено во спорниот период, туку напротив му досудил на тужителот на име изгубена добивка износ како возилото воопшто да не било во функција.
Затоа при повторното судење, судот треба да ги има во предвид погоре наведените укажувања на овој суд по однос на висината на изгубената добивка од страна на тужениот, со помош на вештото лице и од останатите изведени докази, со сигурност да ја утврди висината на изгубената добивка што ја претрпел тужителот во спорниот период.
Бидејќи одлуката за трошоците е поврзана со главното барање, од исходот на одлуката за главното барање ќе зависи и одлуката за трошоците.
Врз основа на погоренаведеното, а согласно чл.358 од ЗПП, се одлучи како во изреката.
Претседател на советот - судија,
Петре Србиновски с.р.
ВК/РП