Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
Одлуки на Апелациониот Суд Битола

26.04.2010   tsz1013/09
 
ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО БИТОЛА, во совет составен од судиите:Петре Србиновски - претседател на советот, Љубе Стојановски и Фани Илиевска - членови на советот, во правната работа на тужителот Друштво за трговија „З. Т.“ ДООЕЛ Д.Х., против тужениот ЈЗУ П. б. Д. Х. за надомест на штета, решавајќи по жалбата на тужителот, против пресудата на Основниот суд Битола ТС.бр.200/08 од 29.04.2009 година, на седницата одржана на 26.04.2010 година, донесе


П Р Е С У Д А


Жалбата на тужителот, СЕ ОДБИВА како неоснована.

Пресудата на Основниот суд Битола ТС.бр.200/08 од 29.04.2009 година, СЕ ПОТВРДУВА.

СЕ ЗАДОЛЖУВА тужителот да му ги надомести на тужениот второстепените трошоци за одговор на жалба во износ од 7.500,00 денари во рок од 8 дена по приемот на пресудата.

О б р а з л о ж е н и е


Со обжалената пресуда на Основниот суд Битола тужбеното барање на тужителот со кое бараше да се задолжи тужениот да му плати на име надомест на штета во вид на изгубена добивка износ од 11.800,00 денари со ЗЗК од 31.12.2007 година до исплатата, како и да му ги надомести парничните трошоци во износ од 40.052,00 денари, е одбиено како неосновано. Задолжен е тужителот да му ги надомести парничните трошоци на тужениот во износ од 25.220,00 денари.

Незадоволен од ваквата пресуда тужителот во благовремен рок поднесе жалба со која ја напаѓа пресудата по сите причини предвидени во чл.342 од ЗПП и одлуката за трошоците, со предлог жалбата да се уважи, пресудата укини и предметот врати на првостепениот суд на повторно одлучување, или пресудата се преиначи на начин што ќе се уважи тужбеното барање.

Во одговор на жалба тужениот предлага жалбата да се одбие како неоснована, а пресудата потврди.

Овој суд, решавајќи по жалбата ги разгледа списите во предметот, па по оцена на истите, испитувајќи ја пресудата во границите на овластувањата од чл.354 од ЗПП, најде:

Жалбата е неоснована.

Неосновани е жалбените наводи за сторени суштествени повреди на одредбите од чл.343 ст.2 т.13 од ЗПП. Пресудата е јасна и разбирлива и не противречи самата на себе, така што во целост можи да се испита, а во образложението на истата првостепениот суд дал доволно причини за решителните факти.

Од изведените докази првостепениот суд утврдил дека странките биле во меѓусебни деловни односи на начин што во текот на 2007 година врз основа на склучен договор од 25.01.2007 година тужителот му испорачувал на тужениот јунешко месо во вкупен износ од 795.000,00 денари. На 22.05.2007 година од страна на Министерството... бил извршен инспекциски надзор врз месото донесено од тужителот и бил составен записник врз основа на кој бил раскинат договорот за месо со тужителот, заради неисправност на истото за што бил известен тужителот. Од тие причини тужителот поднел тужба со која бара надомест на штета на име изгубена добивка и првостепениот суд постапувајќи по тужбата, а врз основа на утврдената фактичка состојба му го одбил тужбеното барање на тужителот, повикувајќи се притоа на одредбите од чл.87 од Законот за јавни набавки и одредбите од ЗОО.

Неосновани се жалбените наводи на тужителот дека тужениот самоиницијативно и без причина еднострано го раскинал договорот со што на тужителот му нанел штета на име изгубена добивка, а од друга страна тужениот продолжил да се снабдува со месо од други фирми, иако претходно имал склучено договор со тужителот. Според тужителот, судот не ги ценел наодите на факултетите за ветеринарна медицина кои што биле повалидни од извршените записници на тужениот кои што ги правел еднострано.

Согласно чл.87 од Законот за јавни набавки, со самото раскинување на предметниот договор бил склучен нов договор од страна на тужениот со второрангираниот, а во врска со отворениот повик, а од друга страна месото кое што било донесено кај тужениот од тужителот до моментот на раскинувањето на договорот во целост било исплатено со склучена вонсудска спогодба на 06.12.2007 година.

Согласно чл.123 од ЗОО, страната што е овластена да бара поради променети околности раскинување на договорот е должна за својата намера да бара раскинување на договорот да ја извести другата страна штом дознала дека настапиле такви околности, а ако тоа не го стори одговара за штетата што другата страна ја претрпела поради тоа што барањето благовремено не и било соопштено. Во чл.12 од склучениот договор било предвидено дека, кога една од договорните странки не ја исполни својата обврска, другата договорна страна може да бара исполнување на обврската или раскинување на договорот, применувајќи ги одредбите од чл.87 од Законот за јавни набавки.

Во конкретниот случај, правилно првостепениот суд ги применил погоре наведените законски одредби од причини што договорот за набавка на месо е раскинат согласно условите утврдени во истиот, а поради лошиот квалитет на испорачаната стока од страна на тужителот, односно неисправноста на истото, а што беше констатирано од Министерството... - Дирекција за храна ПО Б. по извршениот инспекциски надзор. При ваква состојба неосновано е барањето на тужителот за надомест на штета на име на изгубена добивка, од причини што за раскинувањето на договорот и склучување на нови договори од страна на тужениот со други понудувачи, вината за тоа е на страната на тужителот поради лошиот квалитет на испорачаното месо на тужениот во спорниот период. По однос на жалбениот навод на тужителот дека судот не го ценел наодот на Факултетот за ветеринарна медицина, овој суд истиот не го прифати од причини што тужителот не достави доказ дека испитуваното месо било земено од кај тужениот, дотолку повеќе што тие резултати биле во месец јуни 2007 година, а состојбата кај тужениот била констатирана претходно во месец март 2007 година.

При ваква состојба, по мислење на овој суд правилно постапил првостепениот суд кога му го одбил тужбеното барање на тужителот како неосновано, согласно погоре наведените законски одредби.

Согласно чл.160 т.1 од ЗПП, на тужениот му следуваат второстепени трошоци за одговор на жалба во вкупен износ од 7.500,00 денари од кои 3.900,00 денари за состав на одговор на жалба и 3.600,00 денари за судски такси за одговор на жалба. Вака досудените трошоци се во согласност со Законот за судски такси и Адвокатската тарифа.

Поради тоа, согласно чл.357 од ЗПП, се одлучи како во изреката.

Претседател на советот - судија,
Петре Србиновски с.р.

ВК/РП

Назад