ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО БИТОЛА, во совет составен од судиите: Петре Србиновски - претседател на советот, Љубе Стојановски и Фани Илиевска - членови на советот, во правната работа на тужителот ДООЕЛ „Ф.“ од Б., против тужениот Општина Р., за долг, решавајќи по жалбата на тужениот против пресудата на Основниот суд Битола ПС.бр.74/06 од 16.02.2009год., на седницата одржана на ден 26.04.2010год., донесе
П Р Е С У Д А
Жалбата на тужениот СЕ ОДБИВА како неоснована.
Пресудата на Основниот суд Битола ПС.бр.74/06 од 16.02.2009год., СЕ ПОТВРДУВА.
О б р а з л о ж е н и е
Со обжалената пресуда на Основниот суд Битола уважено е тужбеното барање на тужителот и е задолжен тужениот да му плати на име долг вкупен износ од 498.993,00ден., поради неплатен износ за завршена работа, со ЗЗК на поединечните износи од стасаноста до исплатата, како и да му ги надомести парничните трошоци во износ од 69.300,00ден.
Незадоволен од ваквата пресуда тужениот во благовремен рок поднесе жалба со која ја напаѓа пресудата по сите причини предвидени во чл.343 од ЗПП, со предлог жалбата да се уважи, пресудата укине и предметот врати на првостепениот суд на повторно одлучување или пресудата се преиначи на начин што ќе се одбие тужбеното барање.
Овој суд решавајќи по жалбата ги разгледа списите во предметот, па по оцена на истите испитувајќи ја пресудата во границите на овластувањата од чл.354 од ЗПП најде:
Жалбата е неоснована.
Неосновани се жалбените наводи за сторени суштествени повреди на одредбите од чл.343 ст.2 т.13 од ЗПП. Пресудата е јасна и разбирлива и не противречи самата на себе така што во целост можи да се испита, а во образложението на истата првостепениот суд дал доволно причини за решителните факти.
Од изведените докази првостепениот суд утврдил дека тужителот за потребите на тужениот повеќе пати изработувал урбанистички и други проекти од кои дел не биле исплатени. Во конкретниот спор тужителот изработил главен проект архитектура и статика за греење и вентилација, електрична инсталација, водовод и канализација, елаборати и ревизии, а по претходно склучени договори помеѓу претставници на тужителот и градоначалниците на тужениот. Од наодот на в.лице имајќи ја во предвид книговодствената документација кај странките судот утврдил дека тужителот изработил проекти и елаборати за повеќе објекти во Општината согласно склучени договори, како и дека изработил детален урбанистички план. При извршеното вештачење било потврдено дека сите проекти кои биле предмет на тужбеното барање се изработени од тужителот и истите биле примени од тужениот и дел од нив биле целосно реализирани, а некои во фаза на реализација. Според мислењето на в.лице тужителот целосно ја исполнил својата обврска со изработувањето на проектите и истите му ги предал на тужениот на понатамошно користење. Тужениот во одговор на тужба го оспорил тужбеното барање дека било застарено како и дека станувало збор за непотпишани договори.Од страна на вешто лице економист било извршено вештачење, како и дополнително вештачење од кои биле утврдени сите поединечни износи кои што тужениот не му ги платил на тужителот за извршената услуга, а врз основа на склучени договори, и вкупниот износ кој го долгува тужениот е во висина од 498.993,00ден., а кој произлегува од изготвените фактури.
Од вака утврдената фактичка состојба првостепениот суд му го уважил тужбеното барање на тужителот согласно чл.251 т.1 од ЗОО.
Неосновани се жалбените наводи на тужениот дека дел од склучените договори биле застарени, а дел непотпишани од страна на нарачателот - Општина Р. како и дека во однос на деталниот урбанистички план истиот бил потпишан од страна на поранешниот градоначалник, така да не постоела обврска на сегашниот градоначалник за плаќање на тој износ. Според тужениот со самиот факт што договорот склучен на 11.09.2003год., помеѓу тужителот и тогашниот градоначалник Д. Т. не бил ниту потпишан ниту заверен, истиот не произведувал правно дејство, па се поставува прашањето поради кои причини тужителот пристапил кон изработка на наведените проекти во ситуација кога имало непотпишани договори.
Со самиот факт што тужениот вршел плаќање по договорите иако како што наведува истите не биле потпишани од него ниту пак биле изготвувани во време на неговиот мандат, укажува на фактот дека тужениот го признава долгот, а со тоа ги прифатил и договорите како валидни. Ова се потврдува и од наодот на в.лице кое утврдило дека тужителот целосно постапил по својата обврска и ги изработил предметните проекти, а од друга страна биле примени на понатамошно постапување од страна на тужениот и дел од нив биле реализирани, а некои биле во фаза на реализација.
Неосновани се жалбените наводи дека побарувањето на тужителот било застарено, од причини што фактурите за изработените проекти се доставени до тужениот на 18.11.2003год., а последното побарување на фактурите е од 20.11.2003год., а тужбата е поднесена на 03.03.2006год., од што произлегува дека не изминал законскиот рок од три години на застареност на побарувањата.
Исто така жалбениот навод на тужениот дека бил задолжен да му исплати на тужителот и за работа која што ја вршеле други фирми покрај тужителот, се неосновани, од причини што од наодот на в.лице неспорно е утврдено дека сите проекти кои што биле предмет на тужбеното барање биле изработени од фирмата ДООЕЛ „Ф.“ Б. - тужителот.
Неоснован е и жалбениот навод дека од страна на првостепениот суд погрешно се применети одредбите од чл.251 ст.1 од ЗОО ,бидејќи немало согласност на волјите, од причини што со самиот факт што тужителот ја исполнил својата обврска, а која произлегува од изведените докази како и од изготвените наоди на в.лица со тоа што ги изработил плановите и проектите кои што се прифатени од тужениот кои истите ги употребил, произлегува и обврската на тужениот да ја исплати договорената цена согласно погоре цитираниот член од ЗОО. Ова дотолку повеќе што со самото предавање на проектите од страна на тужителот истиот целосно постапил по својата обврска и со тоа обврската на проектантот во тој момент престанува независно што понатаму инвеститорот во случајот тужениот ќе ги реализира или не изготвените проекти.
Поради тоа, а согласно чл.357 од ЗПП се одлучи како во изреката.
ВК/ВМ Претседател на совет - судија
Петре Србиновски с.р.