Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
Одлуки на Апелациониот Суд Битола

26.11.2009   tsz523/09
ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
 
 
          АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО БИТОЛА, во совет составен од судиите: Љубе Стојановски - претседател, Татјана Сусулеска и Фани Илиевска - членови, во правната работа на тужителот А. АД С., против тужениот ПЗУ С. од С. за долг, решавајќи по жалбата на тужениот против пресудата на Основниот суд Струга П.бр.1292/07 од 28.11.2008год., на седницата одржана на 26.11.2009 год., донесе
 
                                      П Р Е С У Д А
 
 
          Жалбата на тужениот СЕ ОДБИВА како неоснована.
 
          Пресудата на Основниот суд Струга П.бр.1292/07 од 28.11.2008год., СЕ ПОТВРДУВА.
 
 
                                 О б р а з л о ж е н и е
 
 
          Со обжалената пресуда на Основниот суд Струга, уважено е тужбеното барање на тужителот и е задолжен тужениот да му плати на име долг вкупен износ од 1.650.884,00ден., со ЗЗК на поединечните износи од стасаноста до исплатата, како и да му исплати затезна камата на износите наведени во изреката на пресудата од стасаноста до исплатата и износ од 37.492,00ден., на име трошоци на тужителот во постапката за уважувањето на платниот налог. Со истата пресуда задолжен е тужениот да му ги надомести парничните трошоци на тужителот во износ од 104.987,00ден.
 
          Незадоволен од вака донесената пресуда тужениот во благовремен рок поднесе жалба, со која ја напаѓа пресудата по сите причини предвидени во чл.342 од ЗПП и одлуката за трошоците, со предлог жалбата да се уважи, пресудата да се укине и предметот врати на првостепениот суд на повторно одлучување.
 
          Овој суд, решавајќи по жалбата, ги разгледа списите во предметот, па по оцена на истите, испитувајќи ја пресудата во границите на овластувањата од чл.354 од ЗПП, најде:
 
          Жалбата е неоснована.
 
          Неосновани се жалбените наводи за сторени суштествени повреди на одредбите од чл.343 ст.2 т.13 од ЗПП. Пресудата е јасна и разбирлива и не противречи самата на себе така што во целост можи да се испита, а во образложението на истата првостепениот суд дал доволно причини за решителните факти.
 
          Неосновани се и жалбените наводи на тужениот за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба.
          Имено, врз основа на изведените докази првостепениот суд утврдил дека во постапка за јавна набавка на лекови кои паѓаат на товар на ФЗО за потребите на осигурените лица во примарната и болничката здравствена заштита, како најповолен понудувач бил избран тужителот. Фондот.. ,од тужителот купил лекови од позитивната листа, за 2004 година, кои ги дистрибуирал во аптеките низ државата, меѓу кои и Г. А. бр.2 во С., која со приватизацијата добила назив ПЗУ – А. „С.„ . 
          Истата аптека, сега тужена во овој спор, на ден 30.04.2005 година,извршила примопредаен попис за издадените лекови на рецепт,а потоа со тужениот склучила договор за снабдување на осигурените лица со лекови од листата на лекови кои паѓале на товар на фондот од 28.06.2005год., а со примена од 01.05.2005год., до 31.12.2005год. Според договорот тужениот можел да набавува лекови од целокупниот асортиман содржан во листата на лекови согласно потребите на осигурените лица и според требувањата кои ги доставува до добавувачите кои на тендерот за лекови биле избрани за најповолни, а што во конкеретниот случај тоа бил тужителот. Согласно чл.14 од договорот, Фондот се обврзал на тужениот да му плати надоместок за издадените лекови и надоместок за услугата за издавање на лекови во висина од 13% од цената на оригиналното пакување на лековите.Според ст.4 од истиот член, Фондот не бил во обврска на тужениот да му ја плаќа утврдената цена на оригиналното пакување на лекот,од Листата на лекови, за издадените лекови на рецепт, утврдени со пописот 30.04.3005 година.
          По приватизацијата, бидејќи тужителот имал доставено ф-ри на Г.а. бр.2 , која престанала да постои како правен субјект, истата ги вратила ф-рите на тужителот,кој пак ги префактурирал на тужениот и со допис бр.08-1632/25 од 15.09.2008 год.ги доставил на тужената.Истата ги примила ф-рите и испратниците,и на истите ставила свој печат и потпис на овластено лице. Тужителот ги сторнирал побарувањата спрема ФЗО, а ги евиденитирал во својата книговодствена евиденција побарувањата спрема тужената.
          Тужителот во текот на 2005год., на тужениот му испорачал лекови за што составувал фактури во кои биле наведени датумите за плаќањето односно вредноста на испорачаните лекови, а со договор од 26.09.2005 год. бил регулиран начинот на купопродажбата на лекови за наредниот период. 
          Со помош на вешто лице, врз основа на предложените писмени докази, судот утврдил дека тужителот најпрво имал евидентирано побарување спремна ФЗО на РМ, а подоцна спрема тужената , по доставувањето на ф-рите и испратниците на истата и по потпишувањето од нејзина страна. Вештото лице ги проверило и уплатите извршени од страна на тужениот и констатирало дека до денот на вештачењето, тужениот имал остаток на долг по ф-ри, во износ од 1.650.884,00 ден
 
          Од вака утврдената фактичка состојба првостепениот суд му го уважил тужбеното барање на тужителот повикувајќи се при тоа на чл.10 ст.1 и чл.442 ст.1 од ЗОО.
 
          Неосновани се жалбените наводи на тужениот дека судот погрешно утврдил дека ДДО настанал помеѓу тужениот и тужителот, бидејќи не се работи за регистрација на тужениот во Основниот суд Битола туку условна регистрација за обавување на дејност со лекови, а од друга страна, за обавување на дејноста со лекови можело да се почне по издаденото решение од страна на Министерството… кое што му било доставено на М. Ц. во С. Според тужениот деловниот однос настанал помеѓу тужителот и М. Ц. така да не постои обврска од негова страна за плаќање на долгот, а од друга страна таквите лекови кои биле на товар на Фондот биле од позитивната листа и се издавале само со рецепти, додека пак тужениот вршел само здравствена услуга на осигурениците во име на Фондот, за што од Фондот добивал месечен надоместок поради што ваквите лекови не можеле да бидат предмет на продажба од страна на тужениот.
          Ваквите наводи се неосновани, од следните причини:
          Во конкретниот случај помеѓу тужениот и ФЗО бил склучен договор,па тужениот согласно таквиот договор имал право по добивањето на лековите од тужителот да достави фактури до Фондот и во рок од 120 дена да ги наплати. При постоење на ваков договор со кој е регулиран начинот на плаќањето на предметните фактури, не може ФЗО за истите лекови и фактури да има обврски и према тужениот и према тужителот, па поради тоа првичното доставување на фактурите од тужителот до Фондот..на РМ биле вратени и потоа тужителот ги доставил до тужениот за да тој изврши плаќање на испорачаните лекови. Со самиот факт што тужениот ги примил лековите по испорачаните фактури, но истите не ги платил, а фактурите гласеле исклучиво на име на тужениот, правилно постапил првостепениот суд кога го задолжил тужениот да му ги плати на тужителот износите наведени во фактурите.
          Во конкретниот случај неспорно е дека облигациониот однос настанал помеѓу тужителот и Фондот.. а предмет на односот биле лекови од позитивната листа на лекови, но со самиот факт што тужениот склучил договор со Фондот со кој ја презел обврската за плаќањето на цената по фактурите на тужителот, неспорно произлегува обврската за плаќањето на долгот од страна на тужениот, а која негова обврска е предвидена во одредбите од чл.434 ст.1 од ЗОО, според кој преземањето на долг се врши со договор помеѓу должникот и преземачот со кој се согласил доверителот.
          Ценети се и жалбените наводи на тужениот дека аптеката вршела само посредување помеѓу Фондот и тужителот бидејќи тие лекови биле од позитивната листа и биле на товар на Фондот така да негова обврска била да ги плати, но ваквите жалбени наводи овој суд не ги прифати, од причини што според договорот од 28.06.2005год., обврската да се плати цената на лековите од позитивната листа на лекови кои се затекнале кај тужениот ја презел тужениот, а од друга страна количината и цената на лековите кои биле затекнати кај тужениот била утврдена врз основа на направениот попис кај тужениот на 30.04.2005год.
          Со самиот факт што тужениот во целост го загуби спорот правилно е задолжен од страна на првостепениот суд согласно чл.148 ст.1 од ЗПП да му ги надомести во целост направените трошоци на тужителот, а вака досудените трошоци се нужни и потребни за водење на постапката и се во согласност со Законот за судски такси и АТ.
          Поради тоа, а согласно чл.357 од ЗПП се одлучи како во изреката.
 
 
ВК/ВМ                                             Претседател на совет-судија,
                                                          Љубе Стојановски с.р.
         

Назад